Што е хипертензија?

Притисокот на крвта е силата со која крвта притиска или удира во ѕидовите на крвните садови. Доколку таа сила е поголема од нормалната, физиолошка вредност која би требало да ја има крвта велиме дека станува збор за хипертензија или покачен крвен притисок. Високиот крвен притисок најчесто се јавува како примарна хипертензија, состојба при која покачувањето на притисокот нема позната секундарна причина и уште се нарекува и основна или примарне хипертензија. Додека секундарната хипертензија е состојба каде постои јасно дефинирана причина за покачувањето, на пример бубрежна болест.




Нормални и покачени вредности на притисокот!

Крвниот притисок се изразува преку силата со која крвта удира во ѕидовите на крвните садови во моментот на нејзиното испумпување од срцето, при контракција на срцето (систолен притисок) и силата на крвта помеѓу две испумпување на срцето, кога срцевиот мускул е релаксиран (дијастолен). Нормалните, референтни вредности на притисокот се 120/80 mmHg (мм на скалата на живиниот солб). Покачување на крвниот притисок се смета за вредности на систолниот помеѓу 120 и 129mmHg и на дијастолниот под 80mmHg, додека вредности помеѓу 130-139mmHg за систолниот и помеѓу 80-89mmHg за дијастолниот покажуваат на висок крвен притисок – прво ниво хипертензија, а над 140mmHg и над 90mmHg соодветно второ ниво хипертензија.

Причини за покачување на крвниот притисок!

Главните причини за појавата на висок крвен притисок можеме директно да ги бараме во денешниот модерен начин на живот! Лошата исхрана која вклучува прекумерниот внес на рафинирани-процесирани производи, многу додадени шеќери и сол, и намалената физичка активност, кои се основна причина и за покачената телесна тежина, заедно со континуираниот стрес ги сочинуваат главните ризик фактори и се причина за континуираното зголемување на бројот на лица кои се засегнати со оваа состојба. Од друга страна современата наука денес утврди и повеќе јасни генетски причини, како ризик фактори во појавата на хипертензија меѓу кои најважно е да се издвои нарушената генетска функција на NOS генот, односно ензимот синтетаза на азотен моноксид, како и гени кои покажува на нарушен метаболизам на натриум (сол), уреа, гени во црниот дроб вклучени во детоксикација и тн. Високиот крвен притисок е еден од параметрите или ризик фактори и на таканаречениот метаболен синдром, поради што лицата со хипертензија добро е да ги испитаат и нивоата на холестерол,  триглицериди и гликемиски статус во крвта, а по потреба докторите упатуваат и на тестови кои ги утврдуваат ритам и работата на срцевиот мускул, функцијата на бубрезите и др.



Хипертензијата - глобален здравствен проблем на денешницата!

Високиот крвен притисок е многу сериозен здравствен проблем и не треба да се остави без соодветна контрола.  Секое покачување на притисокот значително го зголемува ризикот од прскање на крвен сад кој може д абиде причина з аинфаркт на срцето или мозочен удар, а хронично покачениот притисок е сериозен ризик за трајно оштетување на крвните садови и намалување на функцијата на бубрезите, очите и други органи.

Стандардната медицинска терапија за третирање на хипертензијата не го третира проблемот во коренот. Диуретиците, бета блокаторите или блокаторите на специфични хормонски рецептори секако се ефикасни и неопходни за воспаставување на контрола на состојбата и како терапија препорачана од страна на доктор треба да се земаат. Но можеби уште поважно е да се отстранат причините кои и довеле до оваа состојба и пореметување во крвниот притисок.

Препораки за регулирање на притисокот!

Земејки ги во предвид главните причини, превенцијата и контролата на високиот крвен притисок треба да ја направиме со помош на сериозни долгорочни промени во начинот на живеење. 

Препораки за промени во начинот на живот!

  1. Регулирајте ја телесната тежина. Дебелината го оптоварува срцето посилно и понапорно да работи што создава поголем притисок во крвните садови. Намалувањето на телесната тежина е еден од клучните ризик фактори за појава на метаболен синдром и висок крвен притисок.

  2. Престанете со пушењето. Доколку сте пушач оставете ги цигарите. Токсините од цигарите докажано ги оштетуваат крвните садови и придонесуваат за покачување на притисокот.

  3. Започнете да вежбате - редовната, умерена физичка активност ја подобрува циркулацијата и помага во регулирање на притисокот.

  4. Обидете се да го регулирате стресот. Стресот ги стега крвните садови и го покачува притисокот, затоа неговата регулација е исклучително важна. Затоа обидете се со јога, медитација, читање книги и други вештини на смирување кои ќе ви помогнат во регулација на притисокот.


Препораки за промени во исхраната

Исхраната игра клучна улога како во појавата и развојот на хипертензијата, така и во нејзино спречување и регулирање. Важно е да внимавате на следните препораки за исхраната.

  1. Елиминирајте го внесот на процесираните продукти, рафинирани масла и ограничете го алкохолот.

  2. Намалите го внесот на натриум (сол) во храната преку контрола на солената храна како сирење, маслинки, саламурени производи и солта која ја додавате во подготовката на храна. 

  3. Значително намалете, а најдобро елиминирате го внесот на фруктозни засладувачи! Новите научни сознанија покажуваат дека прекумерниот внес на фруктоза, пред се како пченкарен сируп, агаве сируп и други форми, додадени на пекарските и кондиторските производи, го оптеретуваат црниот дроб, го попречуваат отварањето на крвните садови и ги зголемуваат нивоата на уреа што може да доведе до покачување на притисокот.

  4. Покрај елиминацијата на штетните продукти, зголмете го внесот на храна која помага во одржување на здравјето и функцијата на крвните садови. Првенствено тоа значи:

  • Зголемен внес на магнезиум и калиум од храната. Овие два електролити се основни вазодилататори – елементи кои помагаат во отварањето и релаксирањето на крвните садови и природна регулација на притисокот. Затоа задолжително вметнете ги темнозелениот лиснаст зеленчук (спанаќ, кељ и др.), брокулата, авокадото, јаболковиот оцет, бананата, јатките и семињата како намирници богати со нив.

  • Редовен внес на храна која содржи диететски нитрати како темнообоено шумско овошје (аронија, боровинки, малини и др.), цвекло, темнозелен лиснаст зеленчук, магдонос, моркови, целер и зелени салати. Овие намирници ќе помогнат во продукцијата на азотен монооксид кој овозможува нормален проток и циркулација и регулиран крвен притисок.

  • Секојднавна употреба на магдоносот. Покрај диететски нитрати тој е и одличен диуретик, внесен свеж во салати или како чај. Комбинирајте го со чај од хибискус за уште поголем ефект.

  • Внесете повеќе антиоксиданти, преку внес на широк спектар зеленчук и овошје во боите на виножитото. Антиоксидантите помагаат да се спречат оштетувањата на внатрешната обвивка на крвните садови (васкуларен ендотел) кое може да доведе до пореметување на притисокот.

  • Едноставно што повеќе ладно цедено маслиново масло, семиња и јатки како извор на добри масти и растителни влакна, заедно со овошјето и зеленчукот.


Употреба на додатоци на исхраната

Секако, по потреба и во консултација со доктор или нутриционист добро е да додадете и специфични додатоци како екстракт од лист од маслинка, куркумин, коензимCoQ10 и др.