КЛУЧНИ НУТРИЕНТИ БЕЗ КОИ ИМУНИОТ СИСТЕМ НЕ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА ДОБРО?

КЛУЧНИ НУТРИЕНТИ БЕЗ КОИ ИМУНИОТ СИСТЕМ НЕ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА ДОБРО?


Кои се основните нутриенти потребни за правилна имуна функција и зајакнување на имунитетот?
Како и сите други клетки, ткива и органи, така и клетките и органите од имуниот систем кај човекот зависат од редовниот внес на нутриенти неопходни за добивање енергија, раст, обнова и што е најважно, за реализација на специфичните биохемиски процеси со кои клетките од имуниот систем за спроведуваат својата функција, односно со чија помош успешно ги неутрализираат и уништуваат патогените микроорганизми.
За оптимална функција на имуниот систем потребна е избалансирана исхрана, со природни прехрамбени продукти и редовен внес на широк спектар овошје и зеленчук, како и обезбедување на оптимални нивоа на примарните имуно модулатори (витамин Д, омега 3 масни киселини, пробиотици, медицински/адаптогени печурки и др.). Но, следните микронутриенти се неопходни за функцијата на имуниот систем и играат клучна улога во подобрување на сподобноста на организмот за заштита од вируси, бактерии други патогени микроорганизми.
Витамин A – овој витамин воедно претставува и антиоксидант кој помага во заштита на клетките од оксидативен стрес и е неопходен за правилна функција на епителните и мукозни мембрани (во носот, грлото, дишните патишта итн.) кои се важна физичка и функционална бариера на имуниот систем која помага да се спречи пенетрација на бактериите и вирусите внатре во циркулацијата. Исто така, витаминот А е клучен за правилно и брзо размножување и пролиферација (созревање и диференцирање на различните имуни клетки). Најефикасен начин на внес на витаминот А во исхраната е со редовен внес на квалитетни, домашно одгледани месо, риба и јајца, како и во форма на бета-каротен (или провитамин А) од зеленчукот и овошјето, пред се морковите, тиква, кајсија и други портокалови или зелени лиснасти зеленчуци.
Витамин Ц – исто така антиоксидант кој ги штити клетките од токсините и слободните радикали, но воедно и нутриент кој го користат специфични имуни клетки за активирање на механизми со кои ефикасно се уништуваат вирусите и бактериите. Истражувањата потврдуваат дека витаминот Ц му помага на организмот поефикасно, полесно и во пократко време, да се избори со инфекции предизвикани од бактерии и вируси, а ја намалува и стапката на смртност од сепса и неконтролиран инфламаторен одговор што може да се јави при компликации на вирусни и други инфекции. Најдобри извори на витамин Ц од храната се пиперките (посебно црвените), зелката, магдоносот, брокулата, јагодите, кивито, цитрусите, шипката, шумските плодови и др.
Магнезиум – овој минерал е основен електролит потребен за над 300 биохемиски процеси кај човекот, но игра и важна имуна функција. Науката потврдува дека ниските нивоа на магнезиум допринесуваат за појава на силна инфламаторена реакција при инфекции, допринесуваат за намалена функција на тимусната жлезда (главен имун орган во детството), а ја намалуваат и продукцијата на макрофаги (важни имуни клетки) во слезината. Нивото на магнезиум во организмот може да се подобри со редовен внес на темно зелен лиснаст зеленчук (спанаќ, блитва, кељ и др.), авокадо, банана, мешунки (грав), јатки (бадеми и др.), интегрални житарки (ориз, овес и др.), семиња (посебно семки од тиква), масна морска риба (туна) и јогурт.
Цинк – овој минерал и антиоксидант е неопходен за продукција на ензимот супероксид дизмутаза, силен ендоген антиоксидант важен за заштита на клетките од оксидативниот стрес. Истражувањата покажуваат дека недостатокот на цинк доведува до намалена продукција на важни сигнални молекули потребни за правилен имун одговор на телото, ја намалува функцијата на Т помагачки имуни клетки, а ја зголемува продукцијата на инфламаторни цитокини кои ги влошуваат симптомите на болеста. Добри извори на цинк од храната се рибата и порските плодови, месото, јајцата, како и лиснастиот зеленчук, јатките и семињата ( тиква и сончоглед).
Селен – и овој минерал во траг е неопходен за добра имуна функција. Покрај неговите антиоксидативни својства селенот помага во намалување на воспаленијата во телото и подобар имун одговор на мембраните (епителните обвивки) долж дишните органи. Исто така, селенот го успорува мутирањето на вирусите со што овозможува нивно полесно уништување. Оптималните нивоа на селен се потребни и за навремена продукција и фунцкија на специфични имуни клетки како макрофагите, Т клетките и природните клетки убијци со што се помага во поефикасно спревување со предизвикувачите на инфекции. Селенот во организмот можеме да го обезбедиме со редовен внес на квалитетно природно месо, јајца, риба и морски плодови, како и јатки (а најлесно само со неколку Бразилски ореви не ден.)
Покрај наведените нутриенти, важни за одредени аспекти на имуната фунцкија имаат и витамините Б6, Б9, Б12, Е, како и минералите железо и бакар. Важно е да се истакне дека покрај редовниот внес на овие нутриенти од храната, во услови кога е потребно најдобро е истите да ги обезбедиме од квалитетни додатоци на исхраната во дози препорачани од вашиот доктор или нутриционист.
За дополнителни стручни совети и персонализирани препораки јавете се во Центарот за грижа на корисници на 070 230 720.