КАКВА ХРАНА ТРЕБА ДА КУПУВАМЕ ВО ПРОДАВНИЦА ВО УСЛОВИ НА ИЗОЛАЦИЈА И ПАНДЕМИЈА?

КАКВА ХРАНА ТРЕБА ДА КУПУВАМЕ ВО ПРОДАВНИЦА ВО УСЛОВИ НА ИЗОЛАЦИЈА И ПАНДЕМИЈА?

Каде несвесно грешат граѓаните во набавките на храна?
Уште со првите најави на пандемијата од корона вирусот КОВИД 19 сведоци сме на загриженоста и брзањето на голема група граѓани да обезбедат поголеми количини резерви на храна за своите домови. Донекаде разбирливо и оправдано, земајки ги в предвид сите препораки за седење дома, помало движење, особено за одредени ранливи категории. Но, она што самиот го сведочев во супермаркетите, а секако и информациите кои ги споделуваа сите потврдува дека нашиот народ ќе чека да одмине периодот на „карантин“ и ќе се брани од вирусот што демне со леб, брашно, брашно, брашно, квасец, понекоја макарона и рефинирано масло!
За жал брашното не само што нема да не одбрани од КОВИД 19, туку таквата храна во основа и ќе го ослабне нашиот имунитет! Да, треба да се јаде и разбирам дека лебот, брашното и тестенините се најефтините намирници кои можат да го наполнат стомакот и да не одржат сити, но воедно се и едни од помалку здравите! За жал, убеден сум дека покрај економската состојба која можеби е делумна причина за ваквото однесување во купувањето, постои и многу мала свесност на граѓаните (бар на голем дел од нив) за тоа која храна треба да ја купуваме во вакви вонредни ситуации. Кога станува збор за војна, земјотрес, кога нема струја или пристап до чиста вода има големо ограничување во можноста да се складира или подготвува храна. Но, сега не постојат такви ограничувања и затоа треба при набавките да избереме храна која е многу поздрава и нутритивно побогата од макароните и брашното, односно храна која ќе ќе ги обезбеди потребните нутриенти за добро функционирање на имунитетот и целиот метаболизам.
Затоа, при следното одење во супермаркет, игнорирајте ги празните рафтови со брашно, туку најдете ги пакувањата на житни зрна (пченица и др.), бидејки свареното цело зрно, за разлика од рафинираните брашна, покрај скробот содржи и некои витамини и минерали (нешто Б витамини и железо, цинк, магнезиум и други минерали, и важни растителни влакна). За оние посовесните, препорачувам да изберете просо, овес (цели зрна, не снегулки), хељда, киноа или интегрален ориз, бидејки имаат подобар нутритивен профил од пченицата. Кога сме ваќе кај зрната, уште подобро е да изберете мешунки како грав, леќа, наут или грашок. Сувите мешунки како и житарките лесно се чуваат долг период, а во споредба со житарките имаат значително подобар состав на нутриенти, пред се помалку јаглехидрати (сложен шеќер – скроб), а повеќе протеини, минерали и витамини!
Одлични за здравјето, исклучително богати со нутриенти и лесни за складирање се и семињата и јатките. Покрај тоа што имаат уште помалку јаглехидрати, содржат повеќе протеини од житарките, многу здрави масти и многу минерали и витамини. Јатките се можеби поскапи но семињата како лен, сусам, сончоглед, тиква, чиа и други семиња се релативно ефтини, особено ако се земе во предвид дека со мала количина обезбедуваме многу, многу нутриенти. Важно е семињата да ги чуваме како цели зрна, бидејки смелени лесно оксидираат и тогаш потребно е да се чуваат во фрижидер, како и јатките за да се зачува квалитетот на мастите во нив.
Паштетата иако најефтина, веројатно е и најмалку здрава опција која, може да ја избереме кога не постојат услови да се подготвува храна а не сега. Во ред е да се купи и квалитетно месо (по можност од домашно потекло и потврден природен начин на одгледување) кое, како некогаш, ќе си го поделиме и складираме во замрзнувач. Конзервираната храна не е најочигледниот здрав избор, но конзервите од риба се сепак добра опција за набавка и конзумирање на квалитетен протеин во вакви услови.
И за крај нешто што е најважно за нашиот имунитет, но најмалку ќе не најаде – купете зеленчук и овошје! Тие се најдобар и најконцентриран извор на минерали, витамини, антиоксиданти, состојки кои се потребни на нашиот имунитет и здравјето во целина. Набавите повеќе коренест зеленчук (трупки цвекло, морков, целер, дајкон и други, а да не ги заборавиме лукот, кромидот и празот), тие и така траат повеќе недели, а доколку имате можност во гајби да ги покриете со мал слој земја можат да останат свежи и со месеци. Зелениот лиснаст зеленчук, па и други зеленчуци можете лесно да ги замрзнете, или да ги купите веќе смрзнати (ги има во огромен избор во секое време) и со нив да подготвите вкусни, нутритивни и многу здрави супи и чорби. Вакви чорби збогатени со малку компир или тиква, кои исто така набавени лесно се чуваат со недели, ќе би дадат одличен и здрав оброк кој ќе ве нахрани и ќе ве одржува здрави. Јаболките или цитрусните плодови исто така се достапни, лесно се чуваат неколку недели и надвор од фрижидер и содржат важни минерали, витамини и антиоксиданти.
Набавете маслинки, квалитетни масла (доколку сте во можност ладно цедено маслиново), зачини и зачински билки (тие се извонреден извор на антиоксиданти), природни билни чаеви (доколку немате), суво овошје, конзервирани печурки...размислувајте на намирници со различен состав на нутриенти, размислувајте на микронутриентите (витамини, минерали...).
Сметам и досега често сум зборувал дека во Македонија и на Балканот во целина поголемиот дел од населението јаде повеќе од потребното, повеќе од метаболните потреби. Особено сега, дома, со намалена физичка активност тие метаболни потреби на организмот се уште помали. Конзумирањето на околку 80% од калориите и храната кои досега сме ги конзумирале ќе бидат сосема доволно да го одржи нашето здравје, па дури може и да го подобри. Запомнете, кога станува збор за имунитетот, на нашиот организам му требаат многу помалку шеќери и јаглехидрати во целина (секако значително помалку од нашите традиционални навики на консумација на леб, пецива и тестенини), умерен внес на масти и протеини и што е можно повеќе храна која содржи минерали, витамини и антиоксиданти. Се надевам дека кога следен пат ќе отидете во супермаркет, пред да се упатите кон алеата со брашно и тестенини ќе подзапрете и размислите.
За дополнителни стручни совети и персонализирани препораки јавете се во Центарот за грижа на корисници на 070 230 720.